Детски Нинџа Камп

Posted on Categories Детски Нинџа Камп

Нашето големо искуство со организирање кампови за возрасни, но и стекнатата доверба кај родителите, нè охрабри во 2017-та година да им понудиме на Нинџа Клинците едно незаборавно искуство кое ќе го паметат во текот на целиот свој живот.

По урнекот на постарите членови, оттогаш па наваму најмладите Нинџа воинчиња од детската Нинџа Клинци група, уживаат во големата авантура наречена „Детски Нинџа Камп“.

Првото прашање гласи: „Каде се наоѓа кампот?“

Сместен во идеално чиста и еколошка средина, 25 километри до најблискиот град, во подножјето на планината Липац, на 150 метри од Крива Река.

Второто прашање е: „Што ќе се случува на кампот?“

Нема доволно простор да се опише. Ќе биде вистинска уживанција.
Ќе спиеме во доџо, ќе вежбаме некоја од нинџа школите кои ги
претставуваме, ќе јадеме здрава органска храна, ќе се капеме во река, ќе уживаме во разни игри, ќе имаме ноќни нинџа акции, ќе се маскираме, ќе пееме седнати околу логорски оган…
Ќе заминеме како деца. ќе се вратиме како Воини.

Трето прашање: „Кој ќе се грижи за нашите деца?“

Нивните инструктори во доџото. Семпаи Таки Гаковски и Кохаи Косара Довезенска. Заедно со водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски и неговото семејство. Сите тие ќе бидат постојано со дечињата во текот на целиот Детски Нинџа Камп.

Семпаи Таки ќе бдее постојано над момчињата, додека Кохаи Косара над девојчињата, а сите заедно ќе се погрижиме Вашите деца да уживаат во убавините на природата што не опкружува.

Четврто прашање е: „Колку чини кампот, кога ќе се одржи и што нашите дечиња добиваат за таа цена?“

Кампот ќе се одржува секоја година од 27 јули до 02 август. Седум дена односно шест ноќевања. Цената изнесува 160 евра. Во неа е вклучен превозот, престојот, храната, тренинзите односно Вие како родители немате потреба да потрошите ниту денар повеќе од предвидената сума.

Во нашиот камп има три домашно зготвени оброци на ден и две вкусни ужинки. Храната е свежа и органска и се бере истиот ден од градината на Хомбу доџото, а која се сади и одгледува во текот на целата година специјално само за овој настан.

Оброците се јадат на голема заедничка маса на која седат сите учесници на кампот, вклучувајќи ги и организаторите.
Водата за пиење е од извор кој што се наоѓа во самиот двор на Хомбу-то и е испитана на Институтот за Хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа не само што е сосема исправна за пиење, туку е богата со минерали кои се добри за здравјето на човекот.

Последно прашање: „Дали постои некаква опасност за здравјето на нашите дечиња?“

Постои, во иста мера како што постои и додека дечињата се со Вас пред Вашата зграда или во Вашиот дом. Во иста мера како додека играат фудбал или возат ролерки.
Ќе бидат седум дена во природа. Можни ќе бидат алергиски реакции
доколку не се навикнати да си играат на земја, во трева или на песок. Ќе имаат средба со инсекти. Во таа природна средина не се прска против комарци.

Меѓутоа, ние ќе бидеме во постојан контакт со Вас и секој родител ќе биде информиран доколку забележиме било каков проблем кај неговото детенце. Вие ќе не информирате доколку Вашето дете има дури и најмал здраствен проблем и заеднички ќе одлучиме дали е добро да учествува или не.
Ќе размислуваме позитивно и нема да ги предвидуваме можните негативни настани, туку ќе уживаме знаејќи дека нашите деца се во сигурни раце и дека уживаат во убавата природа.

Во земјите на далечниот исток веруваат дека тоа што треба да се случи, ќе се случи каде и да е. А ние Ви ветуваме дека ќе дадеме се од себе се да помине во најдобар ред.
Вашите најмили ќе бидат во најсигурни раце за време на кампот.

И на крајот: Пред некој ден добивме повик од родител чие дете не е член на нашето Доџо, меѓутоа семејството изразило желба да го пратат синчето на нашиот камп. На прашањето „А каде спијат децата?“ беше детално одговорено дека „момчињата спијат на татамите во долниот кат на доџото, додека девојчињата на душеци во горниот кат“. На ова родителот изреагира со зборовите „па зарем ние плаќаме пари за децата да спијат на земја?“. Да појасниме некои работи, исто како што појаснивме и на родителот.

Во нашето Доџо тренинзите и самата организација се одвиваат на традиционален начин според јапонскиот „учи деши“ систем. Ние не нудиме луксуз во спиење во кревети и тоалети со порцелански школки. Доколку мислите дека на Вашето дете му е потребно такво нешто, тогаш воопшто не го праќајте на нашиот камп, туку уплатете му одмор во хотел преку некоја туристичка агенција. Во нашето доџо воопшто и нема кревети, туку спиењето се одвива на татами (душеци) и во вреќи за спиење.
Децата не вршат нужда седнати на порцелански школки, туку во полски тоалети со чучавци (во кои хигиената е на врвно ниво). И ова само бидејќи на истокот (а и ние) веруваат дека најздрав и најлесен начин за целосно празнење на цревата е во чучната положба на телото.
Што се однесува до можните замерки од типот „зарем ние плаќаме за да нашето дете спие на под“, одговорот е дека спиењето, јадењето и се друго во нашето Доџо е бесплатно. Плаќањето се однесува само на знаењето кои го нудиме и даваме на Вашите дечиња.
И да не должиме повеќе, дечињата кои спијат на татами имаат на располагање простор од 100м2 и досега сите уживале во слободата во сонот што ја имале.

Напомена: За да се одржи летниот „Детски Нинџа Камп“, потребно е да се пријават 10 дечиња.

Ве молиме, доколку имате било какви прашањa во врска со настанот, не двоумете се веднаш да не контактирате.