Дванаесет дечиња пријавени за Детскиот Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

За рекордно кратко време, веќе имаме 12 дечиња пријавени за учество на првиот „Детски Нинџа Камп“.
Тоа е доволна гаранција за одлични тренинзи и незаборавна забава.

Пријавувањето ќе трае се до пополнување на сите превидени места, а доколку имате прашања, постојано Ви стоиме на располагање.

Следете не тука бидејќи одвреме на време ќе Ве информираме за новостите поврзани со овој величенствен настан.

Во мај почнува плаќањето на рати

Posted on Categories Почетна

Сите членови на Буџинкан Македонија, како и секоја година, ќе можат своето учество на Летниот Нинџа Камп да го платат на 4 рати, почнувајќи од мај, па се до август. Плаќањето на четири раати (по 45 евра секоја рата), се врши од први до петти во месецот, а последната рата се уплаќа на самиот ден на почетокот на кампот.

И за дечињата исто така може да се изврши уплата на четири рати, односно по 30 евра со почеток во месецот мај.

Доколку имате прашања, Ве очекуваме.

Кампот е отворен за сите дечиња

Posted on Categories Почетна

Последниве денови примивме многу прашања преку кои
родителите се интересираат околу можноста на детскиот нинџа камп да учествуваат и дечиња кои не се членови на клубот.

Одговорот гласи: ДА! Може секој да учествува!

На Летните Нинџа Кампови можат да учествуваат сите заинтересирани, без разлика дали имаат некакво искуство во боречките вештини. Дури, доколку имаат желба, можат само да се дружат со нашите членови и да си поминат едно незаборавно лето, без при тоа да бидат обврзани да вежбаат за време на тренинзите.

Веќе имаме пријавено две дечиња односно постаро братче и сестриче кои ќе бидат дел од овој настан, а не се членови на Буџинкан Македонија – Нинџа Клинци.

Сите кои се спремни за добра дружба и весело лето се добредојдени меѓу нас!!!

* Фотографијата е од дворот на Хомбу Доџото – местото каде што ќе се одржи летниот камп.

Започна пријавувањето за учество на Летниот Нинџа Камп

Posted on Categories Почетна

Дозволете ни да Ве информираме дека пријавувањето за учество на Летниот Нинџа Камп е веќе започнато.
Како и секоја година, за петте првопријавени подготвивме одлични изненадувања.

Повеќе информации за настанот —–> тука

Локација и Контакт

Posted on Categories Локација и контакт

Организацијата за изучување на традиционални јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, во 2012 година го изгради првото традиционално јапонско доџо во Македонија, но и на Балканот. Хомбу* Доџо-то е изградено во чиста еколошка средина, со сопствени средства, без никакви донации. За да го оствари својот сон, инструкторот Игор Довезенски купи земја во долината под планината Липац, на 62 километри одалеченост од Скопје и со помош на своето семејство, цигла по цигла, по сопствен нацрт и со сопствени раце, го изгради доџо-то од темел. При изградбата, употребени се материјали кои ги исполнуваат највисоките еколошки стандарди.

Доџо-то се состои од 100 м2 површина за вежбање во приземјето (со татами) и 100 м2 за престој на првиот кат. Во Хомбу Доџо-то, организацијата Пат кон Сонцето одржува редовни тренинзи за време на викендите, а во август во него се одржува надалеку познатиот Летен Нинџа Камп.

* Хомбу = седиште, стожер, јадро
——————————————-
Повеќе информации можете да добиете на телефонот:
+389 (0)75 564 011, или преку нашето електронско сандаче: daito_macedonia@yahoo.com

За нас

Posted on Categories За Нас

Пат кон Сонцето е некомерцијална организација која е посветена на изучувањето на традиционалните јапонски борбени вештини. Таа е основана во 1995 година, од страна на Игор Довезенски,
единствениот Македонец носител на неколку титули во неколку
различни класични борбени школи (рју-ха). Од основањето, па до
денес, организацијата работи без прекини и секојдневно одржува тренинзи за своите членови.

Истата година (02 јули, 1995), во рамките на организацијата почнува со работа првото нинџутсу доџо* во земјата – „Буџинкан Македонија“. Засега, тоа е единственото признаено доџо во нашата држава, од страна на поглаварот на Буџинкан, соке Масааки Хатсуми. „Буџинкан Македонија“ се уште важи за еден од најдинамичните клубови во Европа, со многубројно и активно членство, што само зборува за квалитетот на знаењето што се добива во доџо-то.

Во 2010 година, односно петнаесет години од отворањето на
„Буџинкан Македонија“, во Пат кон Сонцето почнува со работа „Даито рју Македонија – Корју Доџо“. Во него се изучуваат две
јапонски боречки школи: Даито рју Аикиџуџутсу и Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда-ден). Доџо-то е рамноправен член на Интернационалната Даито Организација (Daito Kai International), под водство на единствениот нејапонски шихан за Даито рју Аикибудо, Антонино Черта.

На почетокот на 2013 година, инструкторот Довезенски станува ученик на шидоша Ерик Лоув, а неколку месеци подоцна дава крвна заклетва (кеппан) пред шиханот на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу, Нобутоши Отаке. Во септември, истата година, со дозвола и под менторство на шидоша Лоув, почнува со работа „Катори Шинто рју Македонија“ односно третото доџо во Пат кон Сонцето.

Игор Довезенски е првиот и засега единствениот Македонец од Република Македонија што заминал во Јапонија со цел интензивно да ги проучува и вежба јапонските традиционални боречки вештини. За време на престојот, тој имал можност да учи директно од основачот на Буџинкан Доџо – д-р Масааки Хатсуми, како и од легендарниот наследник на Теншин Шоден Катори Шинто рју Буџутсу – шиханот Рисуке Отаке. Исто така, Довезенски е единствениот Македонец што вежбал Даито рју Аикиџуџутсу во Јапонија, како и други класични боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на изгрејсонцето.
Без никаква намера за експанзија или лична слава, следен единствено од љубовта кон традиционалните јапонски боречки вештини, Игор Довезенски ја создава единствената организација во Македонија во која што може да се вежбаат најпознатите јапонски класични самурајски и нинџа стилови на борба.

Организацијата за изучување на традиционалните јапонски борбени вештини Пат кон Сонцето, досега организирала над тристотини домашни и околу триесетина меѓународни семинари
со учество на најпознатите светски мајстори за корју.

Покрај членувањето во неколкуте најреспектирани интерконтинентални организации, Пат кон Сонцето е отворена за соработка и размена на знаењето со сите ентузијасти кои имаат заеднички интерес од областа на јапонските класични вештини.

* доџо (道場) – место за усовршување на Патот

Летен Корју Камп

Posted on Categories Летен Корју Камп

Откако шест години по ред упорно го градевме имиџот на нашиот
„Летен Нинџа Камп“, во 2015-та одлучивме за прв пат да организираме и меѓународен Летен Корју Камп со предавач од странство.

За таа цел, го поканивме нашиот пријател од Русија, Сергеј Бабкин, претставник и мајстор за вештината Кукамишин рју Хјохо, за време на кампот да подучува заедно со инструкторот Игор Довезенски.

На крајот од настанот, учениците на Буџинкан Македонија се уверија дека квалитетниот тренинг во нашето доџо им овозможува брзо да се прилагодат на тренингот на другите боречки вештини кои потекнуваат од Земјата на Изгрејсонцето.
По завршувањето на кампот, поголемиот дел од членовите отворено изјавија дека учеството на предавач од страна го сметаат за големо искуство, но дека сепак повеќе би сакале да се задржи стариот формат на Камп каде што ќе ги учат школите на Тошитсугу Такаматсу исклучиво од својот Учител. Тие потенцираа дека повторно би подржале организирање на меѓународен Корју Камп со квалитетен предавач од странство, меѓутоа не секоја година, туку на растојание од неколку години.

Бидејќи летниот камп се организира исклучиво поради учениците на Организацијата „Пат кон Сонцето“, инструкторот Довезенски ја прифати нивната сугестија, па така во овој момент веќе се подготвува стратегијата и планот за организирање на следниот Летен Корју Камп.

——————————————–

Тема на Летниот Корју Камп 2015: Шинден Фудо рју Џутаиџутсу / Кукамишин рју Боџутсу

Летен Нинџа Камп

Posted on Categories Летен Нинџа Камп

Ви здодеа секое лето да одите на одмор на море? Да планирате каде, како и со кого? Да трошите многу пари, а при тоа, за кратко време да Ви избледат летните спомени?

Поминете го ова лето со нас во нашиот нинџа камп. Ние ви гарантираме дека нема никогаш да го заборавите. Сместен во идеално чиста и еколошка средина, 25 километри до најблискиот град, во подножјето на планината Липац, на 150 метри од Крива Река.

Во нашиот камп:
-се спие во доџо, а достапни се и два шатори за љубителите на ѕвезденото небо
-се одржуваат два тренинга дневно + истражувачки експедиции, ноќни нинџа акции, самурајски битки
-се јаде здрава храна, три оброка домашно приготвени на традиционален начин, од домашни и локални продукти
-се слади со две ужинки, овошје и зеленчук свежо набрани директно од бавча
-се пали и логорски оган, со гитара, песна, се тушира под ведро
небо, се капе во река, се гледаат ѕвезди во ноќта
-се оди на чучавец „за по надвор“, има смешки и глума

Доволно е? Ве заинтересиравме?

Проверете зошто Буџинкан Македонија е лидер за семинари во природа и преживување.

Сакате да понесете некого со вас?

Некој што сака да се одмори и да не вежба? Нема проблем. Секој гостин на кампот може да ужива во прекрасната храна, во прошетките во околината и во одморот под сенката на големите ореви во дворот на доџото.

За учесниците од странство, организиран пречек на аеродром и бесплатен трансфер до кампот.

Девет дена-осум ноќевања за 180 евра* (се вклучено)

* (превоз од Скопје и назад + спиење + исхрана + тренинг + незаборавно дружење)

Сте имале поефтин и повозбудлив одмор? Не Ви веруваме!

– поаѓање од Скопје на 04.08.2019 во 09.00 часот (пристигнување во
10.00)
– враќање за Скопје на 12.08.2019 во 18.00 часот (пристигнување во 19.00)

Капацитетите се ограничени, па поради тоа „работиме“ на принцип: Прв се пријавил – прв обезбедил или по нашки „Кој превари – тој товари“

Пријавете се на време или ќе морате да одите и да се печете на некоја морска сончева плажа.

Лето 2019 – Навежбај се како човек!

Само нашето доџо работи и во август.

Тема за 2019:
Гјокко рју Кошиџутсу + Тогакуре рју Кусаригама, Кјокетсу Шоге, Кусари Фундо

е-маил: daito_macedonia@yahoo.com
е-маил: bujinkan_macedonia@yahoo.com
тел:  00389 (0)75 564 011 (од 09.00 до 15.00)

——————————————————–

Преглед на темите што се вежбаа во текот на изминативе години:

2009 – Кото рју Коппоџутсу / Кенџутсу Кихон – ДаиШо

2010 – Шинден Фудо рју Дакентаиџутсу / Оно ха Итто рју Кенџутсу (Такеда ден)

2011 – Гјокко рју Кошиџутсу / Тогакуре рју Бикенџутсу

2012 – Тогакуре рју Нинпо Таиџутсу / Тогакуре рју Шурикенџутсу

2013 – Кукишинден рју Дакентаиџутсу / Кукишинден рју Бикен но Хо

2014 – Асајама Ичиден рју Таиџутсу / Кото рју Кен

2015 – Шинден Фудо рју Џутаиџутсу / Кукамишин рју Боџутсу

2016 – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу I / Катори Шинто рју Кенџутсу

2017 – Такаги Јошин рју Џутаиџутсу II / Тогакуре рју Бикенџутсу

2018 – Даито рју Аикиџуџутсу / Кукишинден рју Нагината

2019 – Гјокко рју Кошиџутсу / Тогакуре рју Кусаригама, Кјокетсу Шоге, Кусари Фундо

Детски Нинџа Камп

Posted on Categories Детски Нинџа Камп

Осум години по одржувањето на првиот Летен Нинџа Камп, единствениот нинџа клуб во нашата земја Буџинан Македонија во 2017-та година одлучи да го организира и првиот Детски Нинџа Камп.

Нашето големо искуство на ова поле, но и стекнатата доверба кај родителите, а пред се поради успешната работа со најмалите членови на доџото, не охрабри да им понудиме на Нинџа Клинците едно незаборавно искуство кое ќе го паметат во текот на целиот свој живот.

Отсега, па натаму, најмладите Нинџи и Куноичи Воинчиња од детската Нинџа Клинци група, ќе можат да уживаат во големата авантура наречена „Детски Нинџа Камп“.

Првото прашање гласи: „Каде се наоѓа кампот?“

Сместен во идеално чиста и еколошка средина, 25 километри до најблискиот град, во подножјето на планината Липац, на 150 метри од Крива Река.

Второто прашање е: „Што ќе се случува на кампот?“

Нема доволно простор да се опише. Ќе биде вистинска уживанција.
Ќе спиеме во доџо, ќе вежбаме некоја од нинџа школите кои ги
претставуваме, ќе јадеме здрава органска храна, ќе се капеме во река, ќе уживаме во разни игри, ќе имаме ноќни нинџа акции, ќе се маскираме, ќе пееме седнати околу логорски оган…
Ќе заминеме како деца. ќе се вратиме како Воини.

Трето прашање: „Кој ќе се грижи за нашите деца?“

Нивните инструктори во доџото. Семпаи Таки Гаковски и Кохаи Сања Симонова. Заедно со водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски и неговото семејство. Сите тие ќе бидат постојано со дечињата во текот на целиот Детски Нинџа Камп.
Семпаи Таки ќе бдее постојано над момчињата, додека Кохаи Сања над девојчињата, а сите заедно ќе се погрижиме Вашите деца да уживаат во убавините на природата што не опкружува.

Четврто прашање е: „Колку чини кампот, кога ќе се одржи и што нашите дечиња добиваат за таа цена?“

Кампот ќе се одржува секоја година од 28 јули до 03 август. Седум дена односно шест ноќевања. Цената изнесува 120 евра. Во неа е вклучен превозот, престојот, храната, тренинзите односно Вие како родители немате потреба да потрошите ниту денар повеќе од предвидената сума.
Во нашиот камп има три домашно зготвени оброци на ден и две вкусни ужинки. Храната е свежа и органска и се бере истиот ден од градината на Хомбу доџото, а која се сади и одгледува во текот на целата година специјално само за овој настан.

Оброците се јадат на голема заедничка маса на која седат сите учесници на кампот, вклучувајќи ги и организаторите.
Водата за пиење е од извор кој што се наоѓа во самиот двор на Хомбу-то и е испитана на Институтот за Хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа не само што е сосема исправна за пиење, туку е богата со минерали кои се добри за здравјето на човекот.

Последно прашање: „Дали постои некаква опасност за здравјето на нашите дечиња?“

Постои, во иста мера како што постои и додека дечињата се со Вас пред Вашата зграда или во Вашиот дом. Во иста мера како додека играат фудбал или возат ролерки.
Ќе бидат седум дена во природа. Можни ќе бидат алергиски реакции
доколку не се навикнати да си играат на земја, во трева или на песок. Ќе имаат средба со инсекти.
Во таа природна средина не се прска против комарци.
Меѓутоа, ние ќе бидеме во постојан контакт со Вас и секој родител ќе биде информиран доколку забележиме било каков проблем кај неговото детенце. Вие ќе не информирате доколку Вашето дете има дури и најмал здраствен проблем и заеднички ќе одлучиме дали е добро да учествува или не.
Ќе размислуваме позитивно и нема да ги предвидуваме можните негативни настани, туку ќе уживаме знаејќи дека нашите деца се во сигурни раце и дека уживаат во убавата природа.
Во земјите на далечниот исток веруваат дека тоа што треба да се случи, ќе се случи каде и да е. А ние Ви ветуваме дека ќе дадеме се од себе се да помине во најдобар ред.
Вашите најмили ќе бидат во најсигурни раце за време на кампот.

Напомена: За да се одржи летниот „Детски Нинџа Камп“, потребно е да се пријават 10 дечиња.

Ве молиме, доколку имате било какви прашањa во врска со настанот, не двоумете се веднаш да не контактирате.