Детски Нинџа Камп

Posted on Categories Детски Нинџа Камп

Осум години по одржувањето на првиот Летен Нинџа Камп, единствениот нинџа клуб во нашата земја Буџинан Македонија во 2017-та година одлучи да го организира и првиот Детски Нинџа Камп.

Нашето големо искуство на ова поле, но и стекнатата доверба кај родителите, а пред се поради успешната работа со најмалите членови на доџото, не охрабри да им понудиме на Нинџа Клинците едно незаборавно искуство кое ќе го паметат во текот на целиот свој живот.

Отсега, па натаму, најмладите Нинџи и Куноичи Воинчиња од детската Нинџа Клинци група, ќе можат да уживаат во големата авантура наречена „Детски Нинџа Камп“.

Првото прашање гласи: „Каде се наоѓа кампот?“

Сместен во идеално чиста и еколошка средина, 25 километри до најблискиот град, во подножјето на планината Липац, на 150 метри од Крива Река.

Второто прашање е: „Што ќе се случува на кампот?“

Нема доволно простор да се опише. Ќе биде вистинска уживанција.
Ќе спиеме во доџо, ќе вежбаме некоја од нинџа школите кои ги
претставуваме, ќе јадеме здрава органска храна, ќе се капеме во река, ќе уживаме во разни игри, ќе имаме ноќни нинџа акции, ќе се маскираме, ќе пееме седнати околу логорски оган…
Ќе заминеме како деца. ќе се вратиме како Воини.

Трето прашање: „Кој ќе се грижи за нашите деца?“

Нивните инструктори во доџото. Семпаи Таки Гаковски и Кохаи Сања Симонова. Заедно со водачот на Буџинкан Македонија – Игор Довезенски и неговото семејство. Сите тие ќе бидат постојано со дечињата во текот на целиот Детски Нинџа Камп.
Семпаи Таки ќе бдее постојано над момчињата, додека Кохаи Сања над девојчињата, а сите заедно ќе се погрижиме Вашите деца да уживаат во убавините на природата што не опкружува.

Четврто прашање е: „Колку чини кампот, кога ќе се одржи и што нашите дечиња добиваат за таа цена?“

Кампот ќе се одржува секоја година од 28 јули до 03 август. Седум дена односно шест ноќевања. Цената изнесува 120 евра. Во неа е вклучен превозот, престојот, храната, тренинзите односно Вие како родители немате потреба да потрошите ниту денар повеќе од предвидената сума.
Во нашиот камп има три домашно зготвени оброци на ден и две вкусни ужинки. Храната е свежа и органска и се бере истиот ден од градината на Хомбу доџото, а која се сади и одгледува во текот на целата година специјално само за овој настан.

Оброците се јадат на голема заедничка маса на која седат сите учесници на кампот, вклучувајќи ги и организаторите.
Водата за пиење е од извор кој што се наоѓа во самиот двор на Хомбу-то и е испитана на Институтот за Хемија при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа не само што е сосема исправна за пиење, туку е богата со минерали кои се добри за здравјето на човекот.

Последно прашање: „Дали постои некаква опасност за здравјето на нашите дечиња?“

Постои, во иста мера како што постои и додека дечињата се со Вас пред Вашата зграда или во Вашиот дом. Во иста мера како додека играат фудбал или возат ролерки.
Ќе бидат седум дена во природа. Можни ќе бидат алергиски реакции
доколку не се навикнати да си играат на земја, во трева или на песок. Ќе имаат средба со инсекти.
Во таа природна средина не се прска против комарци.
Меѓутоа, ние ќе бидеме во постојан контакт со Вас и секој родител ќе биде информиран доколку забележиме било каков проблем кај неговото детенце. Вие ќе не информирате доколку Вашето дете има дури и најмал здраствен проблем и заеднички ќе одлучиме дали е добро да учествува или не.
Ќе размислуваме позитивно и нема да ги предвидуваме можните негативни настани, туку ќе уживаме знаејќи дека нашите деца се во сигурни раце и дека уживаат во убавата природа.
Во земјите на далечниот исток веруваат дека тоа што треба да се случи, ќе се случи каде и да е. А ние Ви ветуваме дека ќе дадеме се од себе се да помине во најдобар ред.
Вашите најмили ќе бидат во најсигурни раце за време на кампот.

Напомена: За да се одржи летниот „Детски Нинџа Камп“, потребно е да се пријават 10 дечиња.

Ве молиме, доколку имате било какви прашањa во врска со настанот, не двоумете се веднаш да не контактирате.